
Подолг временски период не работат двата лифта во Здравствениот дом „Панче Караѓозов“ во Штип. Заради голем број дефекти кои се констатирани при вонредниот инспекциски надзор лифтовите се надвор од употреба, а тоа преставува проблем за пациентите кои треба да се качат на втори, трети или четврти спрат. Директорот на Здравствениот дом е свесен за проблемот, но вели заради безбедноста на пациентите лифтовите не се во функција, а се прават максимални напори истите да бидат поправени и да работат.
„Веќе подолго време се надвор од функција двата лифта. Повикан е вонреден инспекциски надзор и направен е технички извештај до кој се установени голем број на дефекти кои треба да се поправат, како замена на инвертер мотор, погонски јажници и дадена е препорака да не се користи бидејќи е опасен за употреба.“ – вели Андонов.
Поправката на двата лифта чини околу еден милион денари, средства кои треба да бидат издвоени од Буџетот на Здравствениот дом. Андонов потенцира дека наредната недела ќе биде распишан тендер а во најидеални услови лифтовите би биле поправени за четири недели.
„Бидејќи станува збор за поголема сум на средства кои треба да се одвојат од Буџетот на Здраствениот дом во тек е тендерска постапка за набавка на овие делови. Здравјето и безбедноста на граѓаните се наш приоритет. Поправката на лифтот е околу еден милион денари“ – додава Андонов.
Во оваа прилика директорот повика на разбирање од страна на пациентите кои секојдневно треба да ги користат лифтовите. Со цел да се осигура нивната безбедност и здравје пред се двата лифта не се ставени во функција.
Лаура Стојанова М-Нет