
Се враќа дневната евтина тарифа на струјата, потврди претседателот на Регулаторна, Марко Бислимоски. Истата ќе трае два часа во периодот од 11 до 16 часот, но кои точно два часа, ќе покажат последните анализи, бидејќи истата треба да биде во период во кој има најниски цени на пазарот на електрична енергија и во Македонија и во регионот. Посочи дека од кога ќе почне оваа тарифа, ќе известат за петнаесетина дена.
„Во периодот од 10 до 16 часот имаме или негативни цени, коишто не се мали, некаде околу -20 евра за мегават/час или, пак, имаме цени многу блиску до нула. Воведувањето на евтината тарифа е само следење на пазарот на електрична енергија не само во Македонија, туку и во регионот. Единствена цел ни е во тој период, во тие два часа да испратиме сигнал да се купува евтина електирчна енергија од фотоволтаиците и за сметка на тоа да се заштеди водата како многу битен ресурс и да се заштити јагленот, затоа што ни претстои нова грејна сезона“, вели Бислимоски.
Невозможно е истата да биде достапна за сите одеднаш, вели Бислимоски. Во тек се консултации во однос на прилагодувањата на броилата, од кои голем дел немаат далечинско управување, па тимовите ќе треба кај секого да пристапат физички.
„Очекуваме од операторот на дистрибутивниот систем, со којшто одржавме веќе неколку состаноци да ни каже точни претпроставки како ќе оди промената на софтверот на борилата, бидејќи за разлика од претходно, сега во скапата тарифа имаме четири посебни блока, односно четири посебни цени. Дали ќе треба софтверска промена да се прави на броилата и дали ќе треба, а, сигурно, ќе треба да се направи и промена на системот бидејќи електричната енергија нема да отиде во тие четири тарифи, туку во евтината тарифа“, додава Бислимоски.
Дневната евтина тарифа беше укината на 1 јануари 2022 година поради енергетската криза и растот на цената на електричната енергија на берзите, а истовремено беше и зголемена цената на струјата за 9,48 отсто. Евтина тарифа оттогаш се користи само во ноќните часови и во недела.
Ребека Спасова М-Нет