Пијанисти од Италија, Монголија, Чешка и уште десетина земји со настапи во штипскиот Безистен

Да свират на пијано научиле од своите сестри, мајки, баби… На некои од нив на почетокот не им се допаѓало, но сега свират со задоволство. Повеќето свират од најмала возраст и веќе се светски докажани. Пијанисти од Италија, Израел, Полска, Монголија, Чешка и уште десетина држави денеска ја покажаа својата умешност во штипскиот Безистен.

„Почнав да свирам пијано кога бев 4 години, не е тешко. Прекрасно е овде, сакам да свирам пијано, бидејќи ми е интересно да го правам тоа“, вели Валентина Вознук, пијанистка од Чешка.

„Свирам пијано од 5 години, а сега сум 24 години. Ја сакам музиката, го сакам пијаното и мислам дека ќе свирам цел мој живот“, додава Антониа де Паскуале.

„Јас имам две сестри кои свиреа на пијано кога бев мала и тогаш сакав да бидам како нив, па почнав и јас да свирам. Сега тоа го правам за мене, бидејќи ми се допаѓа. Важно е да се свири на различни места, во различни држави“, вели Шани Капелушник, пијанистка од Израел.

„Свирам пијано, бидејќи се чувствувам убаво додека го правам тоа. Се чувствувам среќно, пијаното е фантастично нешто. Почнав да свирам кога имав 5 или 6 години. Почнав поради желбата на мојата баба, а мене не ми се допаѓаше, но сега го обожавам“, вели Гунј Тенгисболд, пијанистка од Монголија.

Како учесници на Фестивалот за млади пијанисти „Пијано Голден Талентс“ со најмногу освоени поени, тие одржаа свои рецитали во Штип. Фестивалот е ретка можност да се слушнат толку млади и интернационално докажани пијанисти на едно место, а за учесниците е начин за запознавање друга култура и пијанисти од повеќе земји.

„Јас видов на интернет, истражував за музиката и натпревари за пијано и така го пронајдов Фестивалов. Овој Фестивал е многу важен особено за мене и за пијанистите, генерално, бидејќи фестивалите се можност да се свири, а притоа да се запознае друга култура и друга држава, во овој случај“, вели Антониа де Паскуале, пијанистка од Италија.

„Јас, навистина, дојдов овде да се забавувам, да го споделам моментот. Јас мислам дека е важно да пијанистите да ја осознаат својата вредност, атмосферата е многу добра овде, можат да покажат што знаат и да не се грижат за ништо“, вели Јоана Маја Јасновска, пијанистка од Полска.

„Според мене, овој фестивал и ваквите фестивали, воопшто, се важни за мојата иднина. Имам освоено награди на натпревари во Монголија, Франција и Македонија“

„Слушнав за овој натпревар, бидејќи мајка ми го пронајде некаде, мислам. Имам учествувано на многу натпревари во Чешка, Италија, Франција и имам освоено неколку награди. Навистина, ми се допаѓа овде“, вели Владислав Вознук, пијанист од Чешка.

Ова е втор Фестивал за млади пијанисти во Штип, а се одржува денес и утре. Рециталите и концертот на македонските млади пијанисти се со почеток од 17:00 часот, а големиот концерт на кој ќе настапат победниците од 12 земји ќе се одржи в сабота, со почеток од 20:00 часот.

Ребека Спасова М-Нет