
РК Пелистер продолжува со амбициозното градење на тимот за новата сезона, откако потпиша двегодишен договор со словенечкиот среден бек Миха Котар.
27-годишниот ракометар, кој доаѓа од редовите на српскиот шампион Партизан, ќе ја има клучната улога во организацијата на играта на битолскиот состав. Котар е роден во Требње, каде ги направи и првите ракометни чекори во Тримо Требње, а подоцна се афирмираше во Словен Градец.
Со настапите за Партизан во изминатите две сезони, Котар стекна дополнително искуство на високо ниво, што сега треба да го пренесе во дресот на Пелистер. Неговото доаѓање значи стабилност, креативност и лидерство во средниот бек, позиција од клучно значење за играта на тимот.
Официјалната промоција на новото засилување е најавена за јули, на стартот на подготовките за сезоната 2026/27. Од клубот најавуваат дека ова не е последен трансфер, бидејќи во наредниот период се очекува пристигнување на уште еден ракометар на истата позиција, со што ростерот ќе биде целосно заокружен за остварување на високите цели.