Паунов: Помош од државата е неопходна за сметките со струја, ама позитивен одговор нема

Високите сметки за електрична енергија и непомошта од страна на државата најмногу се чувствува во помалите општини. Како што истакна градоначалникот на Општина Карбинци, Виктор Паунов сега пристигнатите сметки за струја се пет до шест пати повисоки споредбено со сметките од претходно, а обврските остануваат исти, да се сервисираат потребите на граѓаните. Вели ако не помогне државата многу од институциите нема да продолжат да функционираат. Општина Карбинци сѐ уште како добавувач за електрична енергија го има ЕВН.

„Ние во два наврати имавме два обиди за тендерирање и јавна набавка за приватен добавувач, меѓутоа оние понудени цени кои ги добивме се крајно високи и би рекол несериозни во однос на она што навистина е потребно за институции како општините. Се работи за неколку понуди кои над 30% вклучија маржа во цената која е на берзата. Ситуацијата е сериозно алармантна, ние веќе добиваме сметки повисоки за пет до шест пати во однонс на она што сме го плаќале во минатото. Се надевам дека и Владата ќе излезе со некоја конкретна мерка, вака нема да продолжи да функционира ниту една институција во држвата“ – вели Паунов.

И покрај состаноците и дискусиите со Влада, Паунов истакна дека до сега нема прифатено ниту една побарана мерка.

„Ниту една мерка која ја баравме не е одговорено позитивно, едноставно се игра некоја пинг понг варијанта којашто не ни одговара ниту на општините, ниту на државните институции. Немаме ништо конкретно досега, има најави дека еве разговараме, се спремаме, правиме план но до овој момент сметките си стигнуваат, ние се мачиме да ги платиме, кратиме од граѓаните, кратиме од преоктите кои сме ги ветиле дека треба да ги реализираме, ситуацијата не е добра“ – додава Паунов.

Пуанов очекува соработка со државата и преку комуникација да се изнајде некое решение кое ќе и помогне и на општините и на институциите.

Лаура Стојанова М-Нет