
Греење во градинките ќе има, уверува Министерката за труд и социјална политика, Јована Тренчевска. Според неа, ниту родителите, ниту Општините треба да се плашат дека може да дојде до затворање на градинките, бидејќи нема да дојде до недостиг на парно греење, а енергетската криза добро се менаџира.
„Ќе има греење во градинките и во сите останати институции. Министерството за труд и социјална политика е одговорно преку блок дотации за покривање на платите на сите вработени во детските градинки, како и за градење, реновирање, реконструкција на детските градинки на ниво на цела држава. Покрај блок дотациите за платите, префрлуваме средства и за материјални трошоци, меѓутоа градинките си имаат и сопствени средства, доплатата на родителите за сместување на децата, така што одговорноста за плаќањето на комуналии, вклучително и на сметките за електрична енергија е обврска на основачот на градинката, а тоа е Општината“, вели Тренчевска.
Дека нема потреба од страв и паника уверуваат и директорките на двете детски градинки во Штип, „Астибо“ и „Вера Циривири – Трена“. Иако енергетската криза, секако, ќе ги погоди и нив како и останатите институции, сепак згрижувачкиот процес нема да запре.
„Со оглед на фактот дека се наоѓаме во енергетска криза ние – детските градинки се надеваме дека кај нас нема да има проблем со затоплувањето дека грејната сезона ќе ја почнеме со полни резервоари, бидејќи имаме склучено договори со економски оператор којшто е должен да постапи согласно со договорот и нашите потреби. Една од нашите градинки ја загреваме со пелети и истите се нарачани, очекуваме денес или утре да пристигнат, а останатите три објекта се загреваат со екстра лесно масло за домаќинство. Станува збор за 30 занимални во коишто се згрижени нашите дечиња“, истакна Ивана Ангеличкова, в.д. директор на ЈОУДГ „Вера Циривири – Трена“ – Штип.
„Енергетската криза секако ќе ја почувствува и ДГ „Астибо“, меѓутоа добро се менаџира снабдувањето со енергенси. Со оглед на фактот дека се работи за деца, освен парно греењето, ние имаме и дополнителни грејни тела коишто помагаат температурата да се прилагоди согласно со пропишаното. Ќе се штеди, но децата нема да трпат. Градинките во никој случај нема да се затворат, тоа не се случи ниту во време на ковид – кризата.“ – вели Наташа Мусева, директорка на ДГ „Астибо“.
Градинките не плаќаат индустриска струја, туку по тарифи исто како и домаќинствата и Министерството за труд и социјална политика досега нема реакции дека пристигнуваат големи сметки за струја. Министерката Тренчевска посочува дека голем дел од градинките се енергетски ефикасни, со што се штеди електрична енергија.
Ребека Спасова М-Нет