Папазов: Градскиот пазар во Кочани ќе се затвори и уреди наредната година

Непокриен, без елементарни услови за пласирање на храна и прозиводи, без вода и тоалет, продавачите на пазарот во Кочани претходниот четврток на виделина ги извадија недостатоците на просторот на кој се продава храна. Бараа под итно да се преземат мерки од страна на надлежните за покривање на градскиот пазар, за да може да продаваат похигиенски, но и на лоши временски услови. За ситуацијата на пазарот свесен е и првиот човек на Општина Кочани, Љупчо Папазов. Вели дека пазарот ќе добие нов, модерен изглед, со нови содржини, осветлување, и целосно ќе биде покриен.

„Ќе го уредиме овој простор, ќе му дадеме нова содржина со тоа што ќе го затвориме, ќе го осветлиме, ќе овозможиме загревање и вентилација и распоредот на тезгите и местата за продажба на земјоделските производи ќе добијат една нова димензија со тоа што ќе имаат и во лоши временски прилики и во зимски услови можност на пазар да бидат и купувачите и продавачите.“ – вели Папазов.

Впрочем затворањето и целосно уредување на градскиот пазар во Кочани е едно од предизборните ветувања на актуелниот градоначалник Папазов. Но, како што истакна тој оваа тековна година можно е само да се изработи проектот, а реализацијата на терен ќе започне наредната година.

„Сѐ уште дел од земјоделските производи се продаваат и на земја и на несоодветни поставени тезги и во исто време се загрозува и безбедноста и движењето на луѓето на самиот простор. Сметам дека со една ваква инвестиција и со една поширока дебата со граѓаните можеме да можеме да внесеме нови, модерни содржини. Го имаме тоа како перспектива но мислам дека оваа година нема да успееме во делот на реализација, во делот на изработката на проектот да, влезено е како можност за фининасирање.“ – додава Папазов.

Во останатите општини од Истокот ситуацијата со пазарите е различна. Во Штип се чека целосно покривање на градскиот пазар, но затоа затворен пазар имаат Виница и Делчево.

Лаура Стојанова М-Нет