
Официјално е договорено да се одигра хуманитарен натпревар меѓу Вардар и Црвена Ѕвезда за семејствата на настраданите во големата трагедија која се случи во Кочани.
Натпреварот е договорен за 16 април, а истиот ќе се одигра под рефлектори во Скопје.
„Како акт за помош на настраданите во огнената стихија во Кочани, Генералниот директор на белградска Црвена Ѕвезда, Звездан Терзиќ и Извршниот директор на скопски Вардар, Миленко Неделковски, вечерва се договорија двата клуба да одиграат хуманитарен натпревар во Скопје на 16-ти април. Сите средства собрани од влезници и спонзори ќе одат за семејствата на настраданите во огнениот пекол во Кочани. Натпреварот ќе се игра во ноќен термин под рефлектори. ФК Вардар изразува огромна благодарност до големите фудбалски пријатели и нивната армија од навивачи за овој бескрајно голем хуман потег. Исто така изразуваме голема благодарност до легендата на Вардар и Црвена Ѕвезда, Илија Најдоски, со чие посредништво е овозможен овој спектакл“, се вели во соопштението на ФК Вардар.
Во големата трагедија која се случи во дискотека во Кочани, животот го загубија 59 лица, а голем број на лица се хоспитализирани и во странство.
Александар Ванев, М-Нет