Откорнат дел од кровот на СОУ „Коле Нехтенин“ Штип, нема повредени лица, ниту оштетни автомобили

Ветрот во Штип откорна и дел од кровот на средното општинско училиште „Коле Нехтенин“. Највисокиот дел од кровот на училиштето заврши на другата страна на објект кој се наоѓа до самото училиште. За среќа нема повредени ученици и вработени, ниту уништени автомобили. Директорката, Јованка Шалева, вели дека учениците се безбедни.

„За жал, заради силниот ветер на највисоките дел од училишниот кров имавме оштетување, и ќе треба да го решаваме тој проблем. Учениците се безбедни, нема повредени ниту вработени, нема ниту оштетени автомобили. Заради невремето со силниот ветер уште во прва смена ние ги предупредивме учениците дека треба за време на одморите да останат во училиштето и тоа тие го почитуваат.“ – вели Шалева.

На лице место беа противпожарната единица Штип како и екипи од ЈП Исар. Од таму посочуваат дека дел од кровот кој паднал на друг објект ќе биде отстранет со цел да не се предизвика дополнителна штета. Исто така се разгледуваа сите околности да се преземат мерки и активности да не дојде до паѓање и на друг дел од кровот на училиштето.

Кровот на ова средно училиште е реалтивно нов. Активностите за промена на истиот започнаа на почетокот на месец септември 2020 година. Тогашниот в.д. градоначалник, Јане Миланов посочи дека инвестицијата беше вредна околу 17 милиони денари за реконструкција на површина од над 4000 метри квадратни. Проектот беше на Министерството за образование и наука и Општина Штип.,

Инаку, утринава кај ова училиште беше откорнато дрво, за кое на терен реагираа од ТППЕ Штип.

Лаура Стојанова М-Нет