
Со скромна церемонија во Босилово, денес беше отворен првиот фудбалски терен во Македонија изграден во рамки на глобалниот проект „ФИФА Арена“, иницијатива на ФИФА насочена кон развој на базичниот фудбал и создавање подобри услови за децата и младите.
Ова е многу повеќе од можност за спорт и фудбал. Новиот терен претставува простор за дружба, развој и напредок на младите генерации, а со поддршка од ФИФА и во соработка со ФФМ, проектот има за цел да создаде подобри услови за развој на базичниот фудбал и да им овозможи на децата безбедно место каде ќе играат.
На отворањето на новиот терен присуствуваа претседателот на ФФМ, Масар Омерагиќ, директорот на ФИФА за национални асоцијации и развој, Елкан Мамедов, претставници на локалната самоуправа, поранешни фудбалери и деца од локалните фудбалски школи.
„Секое момче и секое девојче заслужува можност да игра фудбал и да има безбедно место каде ќе ја учи играта и ќе се развива. Тоа е идејата зад FIFA Arena. Овој нов терен е подарок за децата во Македонија. Нашата цел е да поставиме 1000 нови терени ширум светот. Тимот на FIFA Arena ќе обезбеди идните генерации, особено децата од урбаните и руралните средини со помалку можности, да добијат шанса да играат фудбал. Ви посакувам многу среќа и уживајте во играта“, изјави Елкан Мамедов.
Во своето обраќање, претседателот на ФФМ, Масар Омерагиќ, истакна дека секој нов фудбалски терен претставува нова можност, надеж и инспирација за младите генерации. Тој потенцираше дека проектот „ФИФА Арена“ има огромно значење за иднината на македонскиот фудбал и дека ова претставува нов почеток за Фудбалската федерација на Македонија.
Омерагиќ упати благодарност до ФИФА, претседателот Џани Инфантино и Елкан Мамедов за поддршката и визијата Македонија да биде дел од овој значаен проект, додавајќи дека особено е важно што се инвестира во регион кој традиционално дава талентирани фудбалери.
„Ова не е само инвестиција во инфраструктура, туку инвестиција во иднината на децата, во нивното здравје, дружење и правилен развој. Со ваквите проекти испраќаме силна порака дека секое дете заслужува можност да игра фудбал, без разлика каде живее и без разлика на условите“, порача претседателот на ФФМ. Фудбалската федерација на Македонија и понатаму ќе продолжи да вложува во развојот на инфраструктурата и базичниот фудбал, затоа што децата се најважната основа на секој успех. Колку повеќе можности им создаваме, толку повеќе придонесуваме за здрави навики, спортски дух и подобра иднина. Ова е само почеток. Босилово и Турново се меѓу првите, но наскоро и многу други општини ќе бидат дел од оваа прекрасна приказна“, изјави Омерагиќ.
Градоначалникот на општина Босилово, Ристо Манчев, изрази задоволство што токму неговата општина е дел од еден ваков голем проект, упатувајќи благодарност до ФФМ и ФИФА за поддршката.
Новиот терен ќе го користат локалните фудбалски школи и екипите вклучени во проектот „Фудбал во училишта“, а од Фудбалската федерација на Македонија најавија дека во следниот период вакви инвестиции ќе бидат реализирани и во други општини низ државата.
Александар Ванев, М-Нет