Отворено мултифункционалното игралиште во штипската нас. Пребег, најавени и други проекти

Вчера во штипската населба Пребег се отвори мултифункционалното игралиште на кое се работше повеќе месеца. Според градоначалникот Јорданов, претходната година работеле на улици и тротоари, а ќе продолжат и во наредниот период. Игралиштето, пак, според него, ќе биде за спорт и рекреација на сите жители на населбата.

„Денес сме овде и официјално да го пуштиме во употреба мултифункционалното спортско игралиште коешто се направи во интерес на жителите на оваа населба, за најмладите генерации, со повеќе содржини, целосно осветлено. Потрошени се 1,5 милиони денари за сето ова да изгледа вака, за да бидат поставени сите овие реквизити и содржини за најмладите да ги користат“, истакна Јорданов.

Сепак, проблем на жителите е водоснабдувањето, кое треба да се реши со реализација на проектот за Линија 2. Како што вели Јорданов, истиот ќе биде завршен до крајот на неговиот мандат. Во оваа населба е планирана и детска градинка, а од овде треба да поминува и обиколницата.

„Од оваа населба ќе продолжи изградбата на обиколницата која ќе се поврзе со индустриската и викенд-населба Плуждино. Проблем на жителите во населба Пребег уште е и водоснабдувањето, имајќи предвид дека во летните месеци жителите од оваа населба имаат намален притисок на вода. Тоа коешто го подготвуваме како поголем капитален проект, а се однесува на водоснабдувањето е изградбата на Линија 2, сметаме дека тоа ќе го реши овој долгогодишен проблем“, додава Јорданов.

Вакви спортски содржини ќе има и во други населби, најавија од Општината. Во населбата Леваци ќе се модернизира постоечкото спортско игралиште за баскет и за мал фудбал, а соодветна подлога и содржини ќе добие и игралиштето во населбата Балканска.

Ребека Спасова М-Нет