Осогово до бод против Брегалница во Штип, Македонија ЃП ремизираше со Саса, Борец конечно се израдува

ФОТО: М Нет телевизија

Денес беа одиграни натпреварите од 5. коло од Втората лига, а гледачите на телевизија М Нет го проследија дербито на Истокот меѓу Брегалница и Осогово каде немаше победник, а имаше поделба на бодовите, конечниот исход беше 1:1.

Иван Галевски во 34. минута погоди за 1:0 на полуреме, а во вториот дел по пропуштените шанси и на двете страни џокерот од клупа младиот Марио Симоски постигна гол за 1:1 во 86. минута.

На М Нет Спорт имавте можност да го проследите мечот меѓу Македонија ЃП и Саса каде конечниот исход беше поделба на бодовите откако двете екипи одиграа 1:1.

ФОТО: Александар Ванев, М Нет телевизија

За ланскиот прволигаш погоди Алексеј Славков во 36. минута, а во 55. минута Кристијан Таневски обезбеди бод за „рударите“.

Арсими на домашен терен против Новаци дојде до минимална победа од 1:0 со голот на Шефит Шефити во 49. минута.

Во Струмица на „Благој Истатов“ се соочија екс прволигашите Беласица и Победа кои го поделија пленот играјќи 1:1. Јовов во 25. минута погоди за 1:0, а Кукески во 34. за конечните 1:1.

Охрид на домашен терен загуби од Башкими, откако Хасани во 92. минута погоди за конечни 0:1 и со тоа ја продолжи резултатската криза на Охрид.

Борец со новиот тренер Даниел Стојановски на домашен терен против Вардарски славеше прва сезонска победа со 3:1. Османи во 28. минута погоди за 1:0 на полувреме, а на стартот од вториот дел Петров и Манасиев погодија за 3:0. Во финишот на мечот Танов ги постави конечните 3:1.

На Градскиот стадион во Радовиш екипата на Детонит Плачковица со старо-новиот тренер Горан Здравков кој претходно дебитираше со победа во Купот на Македонија над Борец (0:1) се соочи со екс прволигашот Скопје каде радовишани со голот на Стефан Бабунски во 42. минута дојдоа до триумф од 1:0.

Во Гевгелија се соочија екипите на Кожуф и Вардар од Неготино во дерби меч каде домашниот тим со 3:2 прокнижи три бода. Гроздановски и Најденов погодија за 2:0 на полувреме. Во вториот дел Тодоров постигна гол за 2:1, а пак Гугуљанов стралеше за 3:1. Во финишот на мечот Павлески ги постави конечните 3:2.

Александар Ванев, М-Нет