Османи: Институциите да го забрзаат издавањето пасоши, да не даваме лажна надеж за одложување на рокот

Мала е надежта дека пасошите чиј рок на важност не е истечен, а се со името „Република Македонија“, ќе продолжат да важат и по 12 февруари. Преспанскиот договор не може да се промени со ништо и затоа не е фер на граѓаните да им се дава лажна надеж дека ќе се продолжи рокот за промена на документите, смета министерот за надворешни работи, Бујар Османи. Тој вели дека институциите треба да се изорганизираат за да им излезат во пресрет на граѓаните и да направат напори за да ги променат сите документи, а и да почнат да се лепат налепниците на регистарските таблички.

„Јас мислам дека наместо на се концентрираме на давање лажна надеж на граѓаните дека ќе ги смениме одредбите од Преспанскиот договор, дека ќе го смениме Законот за спроведување на уставните амандмани, треба да работиме граѓаните да немаат пречки по 13 февруари. Да се забрза издавањето пасоши, да се регулира прашањето да почнат да се лепат налепниците на регистарски таблички, мислам дека е позрело да им се каже на граѓаните дека ова е обврска којашто се провлекува 5 години и да се обидеме до 13 февруари да ги средиме документите на граѓаните“, вели Османи.

Османи смета дека не е можно да се сменат одредбите на Договорот од Преспа или да се смени Законот за спроведување на уставните амандмани, со коишто се предвидува до 12 февруари годинава да се сменат пасошите, па затоа, според него, не е правилно да се дава надеж за придобивање политички поени, а граѓаните по 12 февруари да имаат проблеми.

„Не само во законите, туку и во Уставниот закон за спроведување на уставните амандмани точно во членот 3 стои рокот до кога важат документите коишто го содржат старото име на државата, а тоа е не повеќе од 5 години од денот на стапување на сила на овие уставни промени. Независно од останатите законски решенија, уставниот закон го предвидува ова. Договорот од Преспа е меѓународен договор“, додава Османи.

Месецов, прво претседателот Стево Пендаровски најави одложување на рокот за промена на пасошите со законски измени, а потоа опозицијата поднесе претставки до Уставниот суд, кои ако бидат прифатени, би овозможиле одложување на рокот. Вчера МВР објави дека личните карти сепак ќе важат, но само за внатрешна употреба, а минатата година беше одлучено дека возилата со стари регистарски таблички со ознаката МК, наместо нови, ќе може да добијат налепници со ознаката НМК.

Ребека Спасова М-Нет