Сензорна соба за учениците со пречки во развојот доби и кочанското училиште „Кирил и Методиј“

Основното училиште „Кирил и Методиј“ во Кочани денеска ја отвори првата сензорна соба, која треба да придонесе за инклузивно образование. При отворањето, градоначалникот на Кочани, Љупчо Папазов, посочи дека мапирањето на состојбите во 2022 година, како и формирањето на Социјалниот совет, придонеле во однос на инклузијата на децата со пречки во развојот. Додаде дека онаму каде што има просторни услови веќе се отворени сензорни соби, а ќе се направат напори и сите училишта да се опремат со ваков простор за учениците.

„Со заеднички напори е утврдена потребата и локацијата на којашто треба да се постави оваа сензорна соба. Со ова ги препознаваме потребите на децата со попреченост во делот на развојот и системот на образование. Сметам дека правиме еден мал чекор во подобрување и подигнување на квалитетот на системот на образование во ова училиште и преку сите останати активности кои ги прави Општина Кочани“, вели градоначалникот Папазов.

Основното училиште „Кирил и Методиј“ има дефтолог кој им помага на наставниците и учениците распоредени во речиси сите одделенија и возрасти. И овој опремен и наменски простор ќе придонесе во таа насока, за развој на моториката, стекнување вештини, совладување образовни цели, смирување на децата со попреченост.

„Големи придобивки ќе има за нашите ученици, бидејќи овде тие ќе се чувствуваат убаво, ќе имаат поголеми резултати, поголеми постигнувања во една средина каде што ќе бидат поопуштени, порелаксирани и за нив ќе биде многу значајна“, вели Христина Симов, наставник во ОУ „Кирил и Методиј“ – Кочани.

Од Фондацијата „Чекор по чекор“ велат дека ваквиот проект треба да им помогне на општините да станат инклузивни средини, затоа што инклузијата не се врзува само за образованието и училниците, туку стремежот на Фондацијата е инклузивно општество.

„Сензорните соби се покажаа како неодминлив елемент во процесот на градење на инклузивно образование во државата кон кое сите се стремиме. Самиот проект и неговиот назив „Кон инклузивни општини и квалитетно образование“ ја покажува и филозофијата којашто стои зад овие иницијативи, односно еден простор којшто е наменет за поквалитетно образование на децата со попреченост, на децата со посебни потреби, на сите оние кои што имаат потреба од дополнителна поддршка, било преку групна или индивидуална работа“, рече Елена Мишиќ, проектен менаџер Фондацијата „Чекор по чекор“ – Скопје.

Финансиската поддршка за оваа сензорна соба е на Германското друштво за меѓународна соработка ГИС, а акцијата е спроведена од страна на Фондацијата „Чекор по чекор“ во соработка со Училиштето и Општината.

Ребека Спасова М-Нет