
Општина Кочани е првата општина во државата каде ќе се инсталира бесплатен интернет. Во градскиот парк во Кочани и во киното граѓаните ќе имаат можност да користат бесплатно wi fi, за своите потреби. Градоначалникот, Владко Грозданов, посочи дека на ваков начин им се овозможува на младите, но и на сите граѓани да имаат безбеден, сигурен и квалитетен интернет.
„Особено задоволни сме што Кочани е прв од 64 општини во државата со што се подобрува пристапот до бесплатен интернет на јавни локации. Тоа говори за препознавање на важноста на дигиталната поврзаност како предуслов за современ и инклузивен развој. Со овој проект градскиот парк во Кочани и домот на културата Бели Мугри граѓаните ќе имаат пристап до безбеден, сигурен и квалитетен интернет“ – вели Грозданов.
Целта е да се обезбеди подобра дигитална поврзаност за граѓаните, на места каде најчесто се движат, учат, работат и се дружат. Министерот за дигитална трансформација денеска од Кочани најави и нов центар за услуги во градот како и нови дигитални услуги за општинската администрација.
„Кочани е првата точка од иницијативата „WI FI за западен Балкан“ во Македонија. Со ова се обезбедува бесплатен јавен интернет во 64 општини во државата и тоа значи бесплатен интернет на јавни површини, плоштади, паркови, библиотеки, училишта и културни институции онаму каде што граѓаните најмногу имаат потреба од поврзаност.“ -вели Андоновски.
Иницијативата за бесплатен интернет на јавни површини е поддржана од ЕУ и Германија, а имплементирана од ГИЗ. Општина Кочани потпиша меморандум преку кој се обврзува да продолжи со одржување на системот по првичните 18 месеци, колку што е покриено финансирање од донаторите.
Лаура Стојанова-Ќирчов, М-Нет