Олеснето снабдувањето со инсулин за дијабетичарите од Македонска Каменица

Поради ситуацијата со коронавирусот, рецептите за инсулинска терапија за пациентите од Македонска Каменица кои доаѓаат во Делчево отсега ќе се препишуваат од медицинска сестра која потоа ќе ги проследи до пациентите – информира директорката на делчевскиот здравствен дом Марија Глигоровска, појаснувајќи дека обврска на пациентите е да ја контактираат медицинската сестра на кој начин ќе се реализира доставата на терапијата.

– „Ние секој вторник праќаме интернист во Македонска Каменица кој таму врши прегледи за нашето население и во меѓувреме ги регулира инсулинозависните пациенти да не доаѓаат во Делчево. Сега поради ситуацијата ова го одложивме за одреден период, ама се договоривме со сестрата која го дава инсулинот пациентите да и се јават по телефон. Таа има податоци за тие пациенти, ќе се јави во Делчево, ќе обезбеди инсулински рецепти кои ќе им бидат доставени. На тој начин, поради тоа што станува збор за загрозена категорија граѓани, ќе им помогнеме на дијабетичарите кои треба да бидат во самоизолација и во карантин “ – рече Глигоровска.