
ОД 600 па до 3000 денари плус легнаа на сметките на пензионерите денеска. Раздвижено централното градско подрачје во Штип, пензионерите чекаа ред за да ја извдат повисоката мартовска пензија, ама разочарани од минималното покачување од само 5,3%. За некој од нив ова е килограм месо и килограм урда, за други доволно само за семки.
„Колку и да се качат пензиите малку е за пензионерите оти ниски ни се пензиите, затоа. А, инаку секое покачување е добредојдено. Ама имаме многу ниска стартна основа. “ – велат пензионерите.
Најниските се движат од 12.500 до 16.000 денари, а во таа група се 40 отсто од пензионерите во Македонија и тие добија повисока пензија од 662 до 850 денари. Околу 93.000 пензионери кои земаат пензија од 20.000 до 32.000 денари, ќе добијат зголемување од 1.060 до 1.696 денари.
Пензионерите со пензии од 30.000 до 50.000 денари ќе добијат зголемување од 1.590 до 2.650 денари, а тие со највисоки пензии со над 54.000 денари ќе добијат и најголемо покачување во износ од околу 3.000 денари.
Усогласувањето се врши двапати во годината, во март и во септември.
Во текот на цела мината година пензионерите протестираа поради големите разлики што се создаваат меѓу најниската и највисоката пензија до новиот начин на усогласување на пензиите. Тие бараа зголемувањето да биде линерано за 5.000 денари, а минималната пензија да ја следи минималната плата.
Лаура Стојанова М-Нет