
Во редици утринава се чекаше пред вакциналниот пунк „Јордан Мијалков“ во Штип за вакцинација. И граѓаните кои имаат закажано термин беа овде, но и оние кои немаа закажано. Полициските службеници се обидуваа да воспостават ред, но одеше малку потешко. Секој кој разбрал дека денеска е слободен ден односно дека можат да примат вакцина и лицата кои се без термин, секој беше пред портата на салата.
Како редарите пред капија, така и редарите пред вратата за влез се обидуваа на столче за вакцина да се седне уредно по закажан термин. Координаторот за вакцинирање, др. Дијана Миленкова Коцева, како и директорката на Здравствениот дом „Панче Караѓозов“, Снежана Трајковска беа присутни во салата, но како што истакна Коцева информација дека денес е слободно за вакцина од нива страна нема.
Старосната граница е спуштена па денеска се вакцинираат лица над 68 годинишна возраст. Исклучок од ова се помлади лица кои доаѓаат од критична инфраструктура, но со закажан термин. Коцева апелира и до директорите на фирми чии вработени сакаат да се вакцинираат, а се помлади од 68 години, да испратат уредно барање за вакцина.
Инаку лицата кои веќе беа вакцинирани со закажан термин, задоволни.
Во текот на вчерашниот ден во салата „Јордан Мијалков“ се вакцинирале 920 граѓани од закажани 1200. За денеска исто така има закажано околу 1200 термини за граѓани над 68 години со кинеската вакцина „синофарм“.
Лаура Стојанова М-Нет