
Од понеделник започнува пријавувањето на сите заинтересирани кои ќе сакаат да ги користат услугите на затворениот базен во Штип. Поради ограничениот капацитет на истиот, предвидено е да се направи термини за користење, но приоритет ќе се даде на децата, а потоа и на рекреативците.
„Сакам да ја информирам јавноста по однос на користењето на објектот на затворениот базен, веќе заради големиот интерес и побарување за користење на овој објект од понеделник ќе се направи еден повик за пријавување на сите заинтересирани корисници кои ќе сакаат да ги користат услугите на објектот од затворениот базен. Пријавувањето ќе биде и преку школата за пливање Челични и преку општина Штип со што веќе од понеделник па во наредните недели кога ќе ги сублимираме податоците заради ограничениот капацитет ќе се направи распоред на термини за користење на објектот на затворениот базен“, вели градоначалникот на општина Штип, Иван Јорданов.
Градоначалникот Јорданов истакна дека на почетокот од месец ноември ќе бидат вклучени и дечињата од основните училишта.
„Морам да напоменам дека по завршувањето на изборниот процес практично некаде на почетокот на месец ноември ќе бидат вклучени и дечињата од основните училишта да може да го користат овој објект преку наставата за физичко воспитување, а до тогаш со направениот распоред истиот објект ќе се користи преку пливачкиот клуб Челични, а по претходно пријавување и креирање на соодветен распоред и термини за користење на овој објект имајќи во предвид дека ова е ограничен капацитет и мора претходно користењето да биде испланирано“, дополнува Јорданов.
Професорот по физичко воспитување Мирко Јакимовски истакна дека интересот за користењето на услугите на затворениот базен се големи.
„Ова е историски ден за пливањето во Штип и за спортот во Штип, со отварањето веќе на овој покриен базен имаше голем интерес на социјалните мрежи за пријавување на деца и нивните родителите да ги пријават за пливање. Градоначалникот напомена дека пријавувањето веќе од понеделник ќе започне преку нашиот пливачки спортски клуб и преку општина Штип и на тој начин ќе направиме распоред врз основа на кој да може сите дечиња да бидат вклучени во тренажен процес. Ќе имаме распоредено дечиња почетници кои што сакаат да ја совладаат основната техника на пливање, потоа ќе имаме група на полупливачи, група на пливачи кои што веќе знаат да пливат кои што се активно вклучени во пливањето во нашата школа која што претходно функционираше ќе бидат исто вклучени и деца со сколиоза. Ќе направиме распоред за сите деца да може да се вклучат, а ќе бидат вклучени и рекреативиците, но првично да се даде приоритет на децата во нашата општина“, вели Мирко Јакимовски.
Јакимовски дополнува дека идеална возраст за запишување на дечињата е пет до шест години.
„Врз основа на тоа колку е длабок базенот возраста најмала која што можеме да ги запишеме е пет – шест години односно да бидат метар, метар и 20 високи за да може да стојат во базенот, со користење на соодветна опрема заедно со капа бидејќи мораме да ја одржуваме хигиената на највисоко ниво“, дополнува Јакимовски.
Штип конечно го доби својот затворен базен, а интересот за користењето на неговиот услуги се големи.
Александар Ванев, М-Нет