
Одбележан Меѓународниот ден на руралната жена, во пробиштипското село Пишица. Жените земјоделки и фармерки потпишаа и декларацијата на Руралното Женско Лоби, како активна заложба за заедничко делување и застапување за унапредување на родовата еднаквост и економското јакнење на жените од руралните средини како производителки на храна. Претседателката на Рурална коалиција, Лилјана Јоноски вели дека 25 жени од руралните средини во периодот од мај-септември 2022 година активно беа вклучени во првата Меѓународна академија за жени-претприемачки од руралните средини.
„Денес го имаме и тој свечен чин каде ќе ја испратиме пораката од жените од руралните средини, колку е важна нивната улога особено во производството на храна. Имаме 170 илјади земјоделци, и речиси во сите од нив и жените работат рамноправо со мажите“ – кажа Јоноски.
Целта на денешниот настан беше да се промовираат жените од руралните средини кои работат или произведуваат нешто.
Низ 13 вкупно модули водени од страна на фасилитаторки, 25 жени успеаjа да го поминат процесот на изработка на бизнис план, да размислуваат за унапредување на сопственото производство, да разменуваат меѓусебно знаења и искуства. Своите успешни приказни од руралните средини, како и искуствата од првата Меѓународна академија за жени од руралните средини ги споделија седум жени од сите региони во земјава.
Лаура Стојанова М-Нет