
Ефикасно започна новата сезона во Третата македонска фудбалска лига регион 3 со голем број на погодоци на сите натпервари, најголемата победа беше во Свети Николе, каде Овче Поле со 11:0 го декласираше тимот на Тиверија. Давид Велковски на овој меч постигна четири погодоци.
Неизвесно беше и во Делчево каде поранешните прволигаши Брегалница и Хоризонт Турново ремизираа играјќи 3:3 за делба на бодовите. Дебитантот Огражден со 3:0 славеше над Дојранско Езеро, а со ист резултат славеше и Победа Валандово над Карбинци.
Првото коло донесе и дерби на двата лански второлигаши во Македонска Каменица, каде со резултат до 4:1 Каменица Саса беше убедлива над Слога од Виница, со што „рударите“ убедливо ја отворија сезоната.
Дури пет погодоци беа постигнати и во Берово, каде Малеш со убедливи 4:1 го декласираше Ударник од Пирава, а хет-трик за домашниот тим постигна Тони Мичковски.
Во овој регион први фаворити за првото место кое води кон баражот за Втора лига се екипите на Овче Поле и Каменица Саса.
Александар Ванев, М-Нет