Објавено е петтото издание на Глобалниот индекс на пасоши, кој ги рангира земјите според слобода на патување, квалитет на живот и привлечност за инвестиции. Според најновите податоци на Global Citizen Solution, најмоќниот пасош во светот ѝ припаѓа на Шведска, која постигнала високи резултати во сите три категории – особено во квалитетот на живот и пристапот до странски пазари.
Европа доминира на врвот
Веднаш зад Шведска се наоѓаат Швајцарија, Финска, Германија и Холандија, додека целиот топ 10 речиси целосно е составен од европски земји. Топ 10 листата изгледа вака:
- Шведска
- Швајцарија
- Финска
- Германија
- Холандија
- Данска
- Ирска
- Обединето Кралство
- Норвешка
- Сингапур
Иако Сингапур е слабо рангиран по квалитет на живот, тој останува меѓу најсилните благодарение на високата слобода на патување и атрактивноста за инвестирање.
Пад на САД надвор од топ 10
Една од најзабележителните промени е падот на САД, кои некогаш беа на врвот, а сега се наоѓаат на 12. место. Според извештајот, американскиот пасош бележи најголем пад меѓу земјите од Г7 во последните пет години.
Од земјите на поранешна Југославија, најдобро рангирана е Словенија (37. место), следена од Хрватска (42. место).
Понатаму се: Србија – 66. место, Црна Гора – 71. место, Македонија – 78. место и Босна и Херцеговина – 83. место
Иако постојат разлики меѓу земјите, регионот генерално останува во средниот и понискиот дел од глобалната листа.
Текстот Објавена листа на најмоќни пасоши во светот: Шведска на врвот, Македонија на 78 место е превземен од МАКФАКС.