Обврзницата повторно на тапет во штипскиот Совет, СДСМ и коалицијата ја напуштија седницата

Уште незапочната, седницата на Советот на Општина Штип, повторно донесе несогласувања меѓу советниците на власта и опозицијата по основ на општинската обврзница. Долгиот дневен ред со првично 48 точки, уште не беше изгласан, а полемики се водеа околу итноста на точката, која требаше да биде дополнително додадена.

„Оваа итност е согласно со член 40 од Деловникот за работа на Советот на Општина Штип и поради тоа што веќе вторпат минуваме низ овој процес, мислам дека сите сме свесни оти овој процес треба да се реализира во текот на една фискална година. Вчера ја добивме согласноста од Министерството за финансии, ова ќе биде малку подолг процес и затоа бараме оваа точка да ја стави на дневен ред со цел да го убрзаме процесот и на време да стигнеме со издавањето на општинската обврзница“, образложи Вишна Шорова-Ангелова, секретар на Општина Штип.

Координаторката на советничката група на СДСМ и коалицијата, Маријана Рогожарска-Поповска, во неколкуте излагања потенцираше дека елементи на итност во процесот не се согледуваат оти согласноста добиена од Министерството за финансии е со важност до крајот на тековната година, односно до 31 декември 2023 година. Се читаа членови од Деловниот, а се постави и дилемата – дали истиот бил прекршен при свикувањето на седницата на која се донесе Генералниот урбанистички план на град Штип. Сепак, од позиција на власт, мнозинството советници го изгласа дневниот ред со дополнувањето, па по десетминутната пауза советниците од СДСМ и коалицијата образложија дека ќе ја напуштат седницата, а најавија и претставка.

„Како во однос на точките кои се од итен карактер, така и грубото кршење на Деловникот во однос на она што значи Институт на советнички прашања и доставување на одговорот, а со оглед дека за дневниот ред имавме 48 точки, а со усвоениот дневен ред и дополнителната се 49 невозможно е, а во материјалите имаме клучни точки коишто значат квартални извештаи, годишни сметки, проширување на програми, вклучително и оваа, се изјаснуваме дека советничката група на СДСМ и коалицијата нема да учествува во понатамошната расправа по однос на точките и најавувам дека ќе биде поднесена претставка по основ на грубо кршење на Деловникот за работа“, посочи Маријана Рогожарска-Поповска, координатор на советничка група на СДСМ и коалицијата.

Мнозинството советници ја изгласа и точката со која би продолжил вториот обид за добивање на општинската обврзница која е со вкупна вредност од 4.000.000 евра, односно 8.000 обврзници со поединечна номинална вредност од 500 евра. Намената е за веќе познатите проекти.

„Продолжување на булевар „Партизанска“, изградба на обиколница од булевар „Гоце Делчев“ до населба Ново Село преку населба Пребег, уредување на градскиот пазар, набавка на фотонапонски панели за производство на електрична енергија, набавка на турбина за искористување на воден притисок за производство на електрична енергија“, дополни Шорова-Ангелова.

По ваквата одлука следува изготвување на проспектот кој ќе се испрати до Комисијата за хартии од вредност и доколку истата даде согласност, документите повторно ќе завршат на одлучување во Влада.

Ребека Спасова М-Нет