
Поддршка и за оризопроизводителите и за компаниите кои преработуваат и откупуваат ориз – ова како заложба го истакна премиерот Ковачевски при посетата на фабрика за преработка на ориз во Кочани. Посочи дека во услови на криза се носеле низа мерки за помош на компаниите, а откупната цена на оризовата арпа е историски највисока досега.
„Во услови на криза заедно со сите други мерки се носеа и програми за поддршка на нашето производство на храна, конкретно за оризопроизводството за 300% ги зголемивме субвенциите за производство на ориз. Денеска имаме историски највисока откупна цена на оризот којашто се движи од 36 до 38 денари за килограм, навремено ги исплативме субвенциите, а добија и зелена нафта. Донесовме и нова мерка за преработувачите и откупувачите на ориз за да ги намалат трошоците за амбалажа, која е првпат воведена во нашата држава“, посочи Ковачевски.
Заложбата ја посочи и директорот на Платежната агенција, Никица Бачовски, кој посочи дека целта е оризопроизводителството да биде силна извозна гранка.
„Многу е важно, особено во кочанскиот регион, да имаме вакви што повеќе успешни компании и токму затоа владините мерки се фокусирани на поддршка на оризопроизводителите, но и на компаниите со цел да ја поттикнеме рентабилноста и оризопроизводството да ни биде една силна извозна гранка“, вели Никица Бачовски, директор на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и рурален развој
Ковачевски појасни и оти вчерашната одлука на Владата за цените е по консултации со увозниците и претставници на Стопанската комора, а согласно со доставените податоци од Царинската управа, при што се утврдило зголемување на увозните цени. Контролите ќе продолжат и во следниот период, посочи Ковачевски.
„Неколку месеца наназад, поточно последните четири месеца инфлацијата опаѓа сметаме дека ќе ја намалиме на едноцифрена бројка во наредните неколку месеца, а ако трендот на намалување продолжи, тогаш и ќе се оствари прогнозата на владата на 7,1%. Ја замрзнавме цената на лебот, на оризот, на јајцата, на дел од тестенините и млечните производи. Онаму каде што имаше потреба, како кај зеленчукот и овошјето, направени се корекции со цел да се најде баланс и во интерес на граѓаните и во интерес на компаниите коишто се занимаваат со увоз на одредени типови овошје и зеленчук“, истакна Ковачевски.
При денешната посета директорот Бачовски посочи и дека оваа година поддршката за оризопроизводителите е исплатена навремено и неселективно, во февруари на 2.364 оризопроизводители.
Ребека Спасова М-Нет