Нов висок пораз на Кочани од Каменица Саса, шампионот Љуботен до ново висока славје над Тиверија Брера

ФОТО: Александар Ванев

Прволигашот Кочани доживеа нов дебакл откако загуби со 8:0 над гостувањето кај Каменица Саса во меч од 8. коло на Првата женска фудбалска лига.

Повеќе од јасно беше дека трите бодови ќе останат во Македонска Каменица, квалитетот е голем меѓу двете екипи, па „рударките“ лесно стигнаа до својата четврта сезонска победа.

Шампионот Љуботен без проблеми славеше против Тиверија Брера, а тетовскиот тим беше подобар со високи 4:0. Шампионот продолжува да нижи победи и се наоѓа на врвот од табелата со максимални 21 бод.

Истатов забележа сигурна победа од 3:0 над Топ Гол на домашен терен, а пак Скопје со 0:7 го декласираше фенерџијата Вардар на гостински терен.

Колото ќе се затвори на 2 октомври со натпреварот во Струга меѓу Ас Јунајтед и Речица.

Во однос на табелата на врвот е Љуботен со 21 бод, втор е Скопје со 18 бодови, а пак со меч помалку на третото место е Ас Јунајтед со 13 бодови, Саса, Истатов и Тиверија Брера имаат по 12 бодови.

Топ Гол и Вардар имаат по четири бодови, Речица е претпоследна со три бодови, но со меч помалку, а на дното е Кочани со само еден бод.

Александар Ванев, М-Нет