Нова убедлива победа за одбојкарите на Штип УГД, доминација на шампионот Струмица

Во рамки на 8. коло од Првата одбојкарска лига на Македонија екипата на Штип УГД запиша убедлива победа од 3:0 во сетови над екипата на Весна Пробиштип.

Повеќе од јасна беше фаворитската улога на штипјани во однос на тимот од Пробиштип, откако во првиот сет гостинот се обиде да парира, но штипјани беа подобри со 25:20.

Во вториот сет Штип УГД лесно го доби сетот со 25:14, а во третиот сет одновно штипјани беа убедливи со 25:15.

Шампионот Струмица со 3:0 во сетови одново покажа моќ откако славеше над Скопје на домашен терен. Во првиот сет со 25:11 беа подобри струмичани, во вториот сет со 25:20, а во третиот сет Струмица само на рутина го доби Скопје со 25:15.

Домашна победа славеше Лирија со 3:0 во сетови над Сушево, а пак Борец беше подобар од Вардар исто така со 3:0. Работнички дома беше поразен од Шкендија во најнеизвесниот меч со 2:3 во сетови.

Колото го комплетираат Македонија Џио и Јанта Волеј утре.

Александар Ванев, М-Нет