Новата песна на штипјанецот Давид Миладинов му донесе прва награда на „Охрид Фест“

Штипскиот оперски вокал Давид Миладинов го доби првото место од жирито на јубилејното 30. издание на „Охрид-Фест“. Неговата песна, „Како денот да го претворам во ноќ“, ја доби и наградата за најдобар текст. Миладинов се враќаше со награди од фестивали и во Бугарија, Латвија, Германија и Италија, но вели дека наградава му е особено драга, бидејќи е од јубилејното издание на Фестивалот кој се одржува во македонскиот Ерусалим.

„Пред сѐ, ви се заблагодарувам вам – М-Нет Телевизија! „Охрид-Фест“ помина во најдобар ред како и минатите години. На самиот фестивал имаше доста познати пејачи од типот на Гоца Тржан, Неда Украден и легендарниот Дадо Топиќ. Тие ми беа и во Комисија, затоа тоа ми е огромна сатисфакција и поттик за понатаму да работам и да правам сѐ повеќе и повеќе песни. На Фестивалот имаше одлични пејачи, одлични песни и не очекував награда“, вели Миладинов.

Миладинов подвлече дека неговата цел била да си ја претстави песната и самиот себеси, а понатаму останува публиката да ја прифати и оцени. Токму и поради тоа веќеостварениот резултат е нешто што не го очекувал.

„Подготовката на песната, поточно, музиката и текстот се на Ристо Самарџиев, аранжманот е Давор Јордановски. Песната е љубовна со љубовен текст, па така добив и прва награда за самата песна, а и награда за најдобар текст“, додава Миладинов.

Оперскиот пејач смета дека фестивалите се најдобро место за претставување на работата на пејачите, место каде публиката ќе ги види и ќе даде своја конструктивна критика. Токму затоа, следниот фестивал за него ќе биде штипски „Макфест“, каде ќе се претстави со песна во аранжман и музика на Иле Спасев, а текст на Елвир Мекиќ.

„Следната песна на „Макфест“ мислам дека ќе биде малку поинаков стил, особено за мене, бидејќи сум оперски пејач. Ќе се претставам и се надевам дека луѓето ќе ме прифатат мене и песната којашто е помодерна“, најавува Миладинов.

За македонската музика и просперитетот на македонската сцена, Миладинов вели дека пазарот е мал, меѓутоа посочува дека тоа не значи дека некој не може да успее.

„Знаете, треба некогаш и да се подредат коцките, како во спортот, така и во музиката. Треба да песната да се допадне на публиката, многу работи да се погодат за да успееме. Така е и во светот, но, за жал, тука сме мал пазар ние“, заклучува тој.

По „Охрид Фест“ и „Макфест“, Миладинов во план има и уште две нови песни, кои како што вели, веќе се подготвени. Стремежот е да се претстави и со нова песна на фестивал надвор од Македонија.

Ребека Спасова М-Нет