
Поставување на фотонапонски централи за производство на електирчна енергија е еден од најзначаните проекти на средното училиште „Гошо Викентиев“ во Кочани. Оваа тековна година освен заштедата на струја ќе се инвестира и во нова современа фитнес сала, ново повеќенаменско игралиште, набавка на нова компјутерска опрема, уредување на влезот во училиштето и училишниот двор. Низата прокети денеска беа најавени од страна на директорот Спирко Златков.
„Во моментот работиме на повеќе проекти кои ќе се реализираат оваа година. Како еден од позначајните ќе го издвојам проект за поставување фотонапонски панели за производство на електрична енергија на кров кои ќе покријат 90% од потребите за струја во училиштето. За прв пат во СОУ Гошо Викентиев е воведена настава во една смена со што се заштедуваат средства за струја, нафта и дрва кои ќе се искористат во унапредуваење и усовршување на опремата во училиштето. “ – кажа Златков.
Во периодот од нешто повеќе од една година откако Златков е на функција директор на ова средно училиште истакна дека се реновирани повеќе кабинети и холови, делови од училишната зграда кои беа речиси уништени од поплавата.

По долги години го реновиравме и училишното бифе, четири нови простории за професори, библиотека, училишен клуб и нов кабинет за наставата по машинство.“ – додава Златков.
Средното училиште „Гошо Викентиев“ Кочани е училиште кое нема долгови и токму затоа се очекува реализација на сите предвидени проекти оваа година, потенцираше директорот Златков.
Лаура Стојанова М-Нет