
Кочанските советници не дадоа согласност за покачување на цената на геотермалната вода. Одлуката на Управниот одбор на КЈП „Водовод“ која вклучуваше покачување на цената од околу осум отсто, односно од 61,9 на 66,83 денари беше разгледан на седницата, но за истата на крај советниците не дадоа согласност. Пред гласањето за покачување на цената, беше даден предлог на УО да му се препорача да одлучи покачувањето да не важи за училиштата, но и тоа не доби зелено светло.
Управниот одбор на „Водовод“ одлучи цената на геотермалната вода да се зголеми за 4,93 денари за кубен метар поради промената на цените на одредени калкулативни елементи кои влагуваат во структурата на цената. Одлуката ја достави до Советот на Општина Кочани по два месеца од последното покачување, кое беше за 83%. Управниот одбор минатата година трипати ја менуваше одлуката, бидејќи првично бараше поскапување на цената на геотермалната вода за 123,5 проценти, но беше одбиван од страна на Советот. Дали по денешното неусвојување, откако од 17 присутни советници, осум гласаа за, двајца воздржани и ниту еден против, УО повторно ќе ја промени одлуката останува да се види? Покачувањето направено во месец ноември наиде на реакции кај корисниците, од кои дел најавија откажување на договорите за користење на топлата вода.
Ребека Спасова М-Нет