
По 17 кола во Трета лига – Југ, лидерот Вардар од Неготино го доживеа првиот пораз, откако во Крушево беше поразен од второпласираниот тим на Питу Гули, па борбата за бараж за Втора лига се „разгорува“.
Домашниот тим прв стигна до водство на Градскиот стадион во Крушево преку Благојче Стојаноски во 20. минута од мечот, по што гостите од Неготино бркаа негатива од еден гол. Дарко Мојсовски во 38. минута обезбеди 1:1, со што го врати Вардар во егал борба за трите бодови.
Сепак, радоста не траеше долго, пред самиот крај на првиот дел Питу Гули стигна до ново водство преку Ѓорѓи Стрезовски, кој во 45. минута погоди за 2:1.
Во вториот дел мрежите мируваа, па резултатот од 45. минута стана конечен, а тоа беше прв пораз за Вардар од Неготино, додека пак Питу Гули стигна до 13-тата сезонска победа и на своето конто има 41 бод, четири бодови помалку од лидерот Вардар кој има 45. Сепак, Вардар има и меч помалку, кој доколку го добие ќе има седум бодови повеќе на патот кон нов бараж.
Слога на домашен терен стигна до висока победа од 5:2 над Бучин на домашен терен. Резултатот го отвори Наим Мустафоски уште во 3. минута од мечот, а до крајот на првиот дел погодија и Имероски и Угљанин. Во вториот дел Фазлиоски и Музафер Алиоски ги поставија конечните 5:2.
Дербито на некогашните второлигаши Росоман и Локомотива заврши со минимален триумф од 1:0 за домашниот тим, кој до триумф стигна со голот на Марко Миловановиќ во 55. минута.
Обршани и Големо Коњари ги поделија бодовите, откако одиграа 2:2. Сите четири погодоци паднаа во вториот дел, откако во првите 45 минути мрежите мируваа. Борче Сркески погоди за 0:1 и водство на Големо Коњари, а по шест минути Борче Макешоски постигна гол за 0:2.
Во 67. минута Антонио Најдоски намали на 1:2, а до крајот домашниот тим се обидуваше да дојде и до бод, а благодарение на голот на Дарко Евтимџиоски во 89. минута бодот беше обезбеден, откако падна гол за конечни 2:2.
Превалец преку петте погодоци на Пеце Стојанов го „уништи“ Младост на гостински терен во Кривогаштани со 0:7. Во листата на стрелци со по еден гол се запишаа и Александар Буковски и Иванче Давитков.