
Со 15 одиграни кола заврши есенската полусезона во Втората македонска фудбалска лига, а од тоа што може да се констатира неколку екипи сериозно се загрозени во тешката борба за опстанок.
Вардарски, Борец и Осогово се екипи кои ќе имаат најтешка борба за опстанок. Вардарски во последното коло го забележа само првиот триумф со што иако останува на дното од табелата има ист број на бодови како и Борец кој е претпоследен, додека кочанските „жетвари“ се во зоната за опстанок преку бараж со осум бодови.
Вардарски остана без тренер на едно коло пред крајот на есенскиот дел откако замина Ѓоре Јовановски, но пак Вардарски во таква ситуација одигра одличен меч за прва победа.
Борец промени два тренери, кој би ја водел екипата во пролетниот дел ќе има навистина тешка задача за опстанок, а промени очекуваме и во Осогово.
Овие три екипи повеќе од јасно многу работи ќе треба да променат, не само промени во стручните штабови, промени ќе треба и во играчкиот кадар, квалитетни засилувања, но најважното стабилни финансии, без тоа нема ништо, ниту успех ниту опстанок.
Борба за опстанок ќе има и Вардар Неготино, но и Победа, прилепчани лани преку бараж изборија опстанок.
Вардар Неготино е на 13. место со 14 бодови, а на последни пет натпревари забележа две победи, една минимална и една убедлива, но имаше минимален пораз и два тешки порази на кои прими 10 погодоци.
Победа е со скор од еден триумф три порази во низа и реми, со што прилепчани со исто така 14 бодови се на 12. место, па како тимот од Неготино ќе атакуваат на освојување бодови уште на почеток од пролетниот дел за сигурен опстанок многу порано.
Ако направиме пресек Вардарски, Борец и Осогово ќе бидат во тешка и директна борба за опстанок, додека пак Вардар Неготино и Победа ќе сакаат рано обезбедување на опстанокот.
Пролетната полусезона започнува на 15. февруари следната година со натпреварите од 16. коло.
Александар Ванев, М-Нет