На парцелата кај т.н. ,,печурки” ќе се гради деветкатница, кај ,,Стари бунари” двокатница

Изградба на деветкатница кај т.н. ,,печурки” и двокатница кај месноста ,,Стари бунари”, за оваа намена ќе се продаваат градежните парцели. Два плаца, за кои беа донесени маркици во Деталниот урбанистички план, со одлука на Советот на Општина Штип, влегоа во Програмата за располагање со градежно земјиште во сопственост на државата. Како што беше образложено, по оваа Одлука парцелите ќе се огласат на продажба.

,,Плацот се внесува во Програмата со цел понатаму да се огласи за продажба. На заинтересираните субјекти ќе им се понуди парцела со намена домување во колективни станбени згради”, изјави Лазар Хаџи-Николов, раководител на Одделението за урбанизам при Општина Штип.

Градежното земјиште во населбата Автокоманда е со површина од 5692 квадратни метри и е дел од комплексот ,,печурки”, за каде е вцртана маркица за објект за домување во колективни станбени згради со приземје и девет ката.

Втората парцела што ќе се продава е во месноста „Стари Бунари“ и таму е вцртана маркица за мал комерцијален објект. Се работи за површина од 2992 квадратни метри, каде треба да се гради двокатница.

За парцелата во Автокоманда, веќе со години сопствениците на времените објекти бараат да го добијат просторот што локалната власт се обидува да го внесе во ДУП и да го продаде.

Според претходните најави на Општина Штип, станбена зграда ќе има само на едниот дел, а вториот дел од поголемата парцела ќе биде наменета за поставување на типски објекти, каде ќе се сместат бизнисите на сегашните сопственици на времените објекти.

Во моментов таму има 70 објекти од времен карактер.