
Делчево и Македонска Каменица од денеска времено ги укинуваат приемните денови во секторите и одделенијата во состав на локалните самоуправи. Информираат дека одлуката е во насока на превенирање на појава и ширење на коронавирусот.
Со цел да нема застој во пласирањето на општинските услуги, се препорачува граѓаните да го користат телефонскиот број на централата на Општина Делчево или електронската пошта [email protected], а дополнителни информации и службените контакти на одговорните лица од Општина Делчево можат да добиваат од веб-страницата на Општина Делчево.
Укинувањето на приемните денови и прием на странки, во сите Сектори и Одделенија на локалната самоуправа од денес важи и во Општина Македонска Каменица.
Секојдневна комуникација со Општината, како што додаваат надлежните од оваа општина велат дека ќе продолжи преку приложените официјални e – mail адреси и телефонски броеви, како и на социјалните мрежи преку официјалната страница на Општина Македонска Каменица.
Во Општина Штип превенцијата од коронавирусот се реализира со дезинфекција на општинската зграда, улиците и контејнерите, а од локалната самоуправа апелираат до граѓаните да не доаѓаат во општинските служби доколку немаат итна потреба.
Општина Кочани со сите сектори и одделенија работи нормално, а комуникацијата се одвива непречено и преку Едношалтерската канцеларија, до која има еден приод за граѓаните. На службениот влез на Општина Кочани, задолжителна е употребата на средство за дезинфекција.