Добра е здравствената состојба на првиот и најмал пациент заболен од коронавирус во Штип. Детето со мајката се сместени на Инфективното одделение, а се чекаат резултатите за тројца од семејството, изјави денес на прес-конференција Директорот на Клиничка болница Штип, Др Ален Ѓеорѓијев.
Во Центарот за јавно здравје Штип се јавиле дополнително пет лица, кои биле во контакт со семејството и во текот на денот ќе бидат тестирани.
– „Добра работа е што малата пациентка е во добра здравствена состојба и со лесна клиничка слика. Во тек се иследувањето на сите оние контакти, коишто биле со пациентката, коишто по препорака на епидемиолозите треба да се тестираат и ги чекаме резултатите за сите оние коишто биле во околината на пациенот,“ вели Ѓеорѓијев.
Директорот на штипската болница изјави дека од денес на сите пациенти кои ќе влегуваат во болницата ќе им се мери телесната температура со 18 далечински мерачи. Во штипската болница има два респиратори, а набавени се заштитни наочари за сите лекари.

-„Секој ден се трудиме да го заштитиме персоналот на болницата и на оние пациенти кои ќе дојдат на преглед во Клиничка болница-Штип. Пред два дена набавивме дополнителни 200 скафандери, а денеска сите вработени ќе добијат заштитни наочар. Сите амбуланти по 15:00 часот се дезинфецираат, поставени се и апарати за дезинфекција пред сите амбуланти, за да пациентите ги дезинфецираат рацете“ – вели Ѓеорѓијев.