Наскоро Регионален избор на спортист до 18 години на Истокот во организација на М Нет телевизија

Втора година по ред М Нет телевизија организира избор на спортист до 18 години за 2024 година, но сега Регионален избор, како што ветивме минатата година.

Во изборот за спортист до 18 години за 2024 година во Источниот регион на Македонија, влегуваат општините Штип, Радовиш, Свети Николе, Кочани, Берово, Делчево, Пехчево, Карбинци, Виница, Зрновци, Чешиново Облешево, Пробиштип, Конче и Македонска Каменица, влегуваат сите спортисти до 18 години и кои се од или се натпреваруваат за клубови на територија на споменатите општини, без разлика дали во машка и женска конкуренција како и дали спортистите доаѓаат од колективни или индивидуални спортови.

Најдобриот спортист ќе добие парична награда во износ од 500 евра, второрангираниот спортист ќе добие награда од 200 евра, а треторангираниот спортист ќе добие награда од 100 евра.

Во рангирањето на спортистот во предвид се зема најдобриот резултат за 2024 година, односно дали спортистот има учествувано на Олимписки игри, Светско првенство, Европско првенство, Медитерански игри, Балканско првенство, Државно првенство на Македонија, Куп на Македонија, Меѓународни и домашни турнири како и тоа дали е член на репрезентација на Македонија.

Секој спортски колектив може да пријави повеќе спортисти кои ќе ги исполнува условите од правилникот, а кој ќе биде дополнително објавен на веб страната на М Нет телевизија. Многу е важно резултатите да бидат веродостојни, бидејќи истите ќе бидат проверени односно резултатите пријавени од матичниот клуб на територија на споменатите општини треба да бидат потврдени од федерацијата каде членуваат спортистите или од сајтовите на спортските организации (организатор на натпреварување – домашно или меѓународно) каде учествувале спортистите односно копија во писмена форма од постигнатите резултати со печат и потпис.

Резултатите на сите спортисти ќе бидат проверени од страна на Комисијата која ќе го врши изборот за најдобар спортист до 18 години на споменатите општини во избор на М Нет телевизија. Секој спортски колектив може да пријави повеќе спортисти кои ќе ги исполнуваат услови од овој правилникот. На самата пријава покрај име и презиме на Претседателот на клубот, клубот е должен на пријавата да стави и печат. Пријавите кои не ги содржат сите потребни информации (пријави со нецелосни и неточни податоци) ќе бидат отфрлени и нема да учествуваат во изборот. При идентични спортски резултати предност ќе има спортистот кој во континуитет покажува подобри резултати (резултати постигнати во претходните години односно сезони)

Сите детални информации од правилникот за избор на спортист до 18 години на споменатите општини за 2024 година ќе бидат објавени дополнително, а дополнително ќе бидат објавени и датумите за пријавување на спортистите, а изборот ќе се одржи во средината од месец февруари.

Покрај награда за најдобриот спортист до 18 години за 2024 година во организација на М Нет телевизија, ќе се изберат и најдобрите од сите пријавени екипи.

Александар Ванев, М-Нет