Народниот правобраните отвори бесплатна телефонска линија за пријавување на повреди на избирачкото место

Отворена бесплатна телефонска линија за пријавување на евентуални повреди на избирачкото место.

Народниот правобранител отвори бесплатна телефонска линија за пријавување евентуални повреди за време на гласањето во првиот круг од Локалните избори што ќе се одржат утре.

„Доколку граѓаните забележат неправилности или попречување при остварувањето на своето право на глас, ќе можат да се јават на бесплатниот број 0800-54321, кој ќе биде активен од 07:00 до 19:00 часот.

Освен телефонски, пријави ќе можат да се поднесат и лично во седумте канцеларии на Народниот правобранител во Скопје, Битола, Кичево, Куманово, Струмица, Тетово и Штип.“ – стои во соопштението од Народниот правобранител.

Од институцијата потсетуваат дека надлежните органи се должни да обезбедат целосна заштита на уставно загарантираното право на глас, кое се остварува непосредно и тајно на избори.

„Избирачкото право е уставно загарантирано како еднакво, општо и непосредно, и се остварува на слободни избори со тајно гласање. Никој не смее да биде повикан на одговорност поради остварување на ова право, поради што повредата на слободата на определување на избирачите, како и други повреди на избирачкото право, се казниви дела“, соопштија од Народниот правобранител.

Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет