
На земјава не ѝ недостасуваат закони, вели претседателот на Основниот суд – Кавадарци и професор на Правниот факултет во Штип, Лазар Нанев. Вака тој го коментира најновиот извештај на Европската комисија во кој се наведува дека државата има остварено одреден напредот во Поглавјето 23 во однос на минатата година и останува делумно подготвена за спроведување на законодавството на ЕУ и европските стандарди. Токму за оваа тема судии, обвинители и претставници од Министерството за правда утре во Брисел ќе бидат дел од скрининг процесот.
„Токму ова прашање, коешто ми го поставивте од утре 30, 1 и 2 декември во Брисел ќе се разговара ќе се разговара за Поглавјето 23, бидејќи нашата делегација, судии, обвинители и од Министерството за правда ќе бидат дел од скрининг процесот. Најсериозниот проблем е во делот на имплементацијата на законските решенија. На Македонија не и недостасуваат Закони, ни недостасува еден инклузивен начин на имплементација на законите, но и недостасува и квалитетен кадар, којшто треба да ги имплементира сите овие Закони. Меѓутоа кога се гледа генерално сликата за правосудството клучен проблем се и ресурсите, односно начинот на кој се менаџира генерално правосудниот систем“, вели Нанев.
Аферата со правосудните испити и стремежот студентите да размислуваат за начини на кои може да ги изиграат законите, Нанев ја коментира како сериозно и комплексно пашање за кое треба анализа во образовниот систем, но и во целокупниот систем на општеството.
„Неспорно е дека имаме сериозни проблеми во тој дел, недостатокот или недореченоста на законската регулатива исто така влијае, но мислам дека човечкиот фактор или онаа би рекол матрица, којашто постои во општеството и генерално самите состојби директно влијаат и се производ на сето она што ни се случува во овој момент“, вели Нанев.
Нанев посочи дека во наредниот период правосудниот систем мора сериозно да се занимава со квалитетот на законските решенија, коишто се носат.
Ребека Спасова М-Нет