Попишани над 90 илјади граѓани во текот на вчерашниот ден во најголемата статистичка операција, Попис 2021. Директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски, посочи дека дека се особено задоволни од ваквите бројки со оглед на тоа што станува збор за работен ден.
„Вчера попишавме точно 93.235 лица, 29.491 домаќинство и 40.155 станови. Ова се навистина прекрасни податоци, особено што се работи за работен ден, за разлика од претходните коишто беа во викенд време и коешто е очекувано бидејќи населението е дома претежно, па тие бројки треба да бидат повисоки“, информираше Симовски.
Тој потенцираше дека статистичката операција се одвива во најдобар ред, успешно и професионално. Дополнително додаде дека и техничките проблеми се надминати, што дава поголема сигурност дека пописот ќе биде завршен во предвидениот рок.
„Точно е и јавноста е информирана дека на самиот почеток имавме мали технички застои кои се надминати и еве, веќе три дена по ред без никакви проблеми се спроведува попишувањето, а веќе е и исклучително задоволувачки. Така што очекувам дека и во наредниот период нема да имаме веќе вакви случаи, но и да се случат, постои цел тим позади нас, којшто постојано е спремен, дежура. Имаме еден голем пописен штаб каде што за секој дел од техничките и методолошките решенија се присутни лица за истите веднаш да се отклонуваат ако настанат“, додаде директорот. Изјава од 05:31 (точно) до 06:13 (настанат)
Во однос на досегашните вкупни статистики попишани се над 500 илјади граѓани, 150 илјади домаќинства и над 200 илјади станови, за што информираше портпаролот на Владата, Душко Арсовски.
„Заклучно со вчера, до 20 часот, попишани се повеќе од 512 илјади лица или, поточно, 512.457 граѓани. Попишани се вкупно 158.519 домаќинства и 212.464 станови. Владата се заблагодарува на поддршката што граѓаните ја даваат за успешно спроведување на пописот. Масовниот одзив покажува за свесноста и одговорноста на секој од нас да придонесе во собирањето податоци, важни за креирањето на заедничката иднина“, истакна Арсовски.
Попишувањето се одвива само со личен документ за идентификација, па доколку некој член во моментов не е присутен или не оставил дома таков документ, се договараат термини за дополнително попишување. На новинарското прашање Симовски додаде дека ваквите ситуации се предвидени и за нив е размислувано однапред, па се работи по веќе дефинирани принципи.
Тој информираше дека одбивањата од страна на граѓаните се во незначителен број и од таа причина искажа благодарност и до граѓаните и до назначените попишувачи и инструктори.
Ребека Спасова МНет
