
Преку различни апарати и алатки до фотографии во боја или црно – бели. Ваков е професионалниот тек на Јордан Симоновски, еден од најстарите фотографи во Штип и пошироко. За занаетов вели дека го наследил од татко му, а првата фотографија ја направил во четврто одделение.
„Од дете работам, на мали години имам влегувано во лабораторијата, гледав само. Меѓутоа, првата фотографија ја имам направено во четврто одделение. Од училиштето нè одведоа на екскурзија во Дојран, а татко ми ми го даде и апаратот за да сликам. Меѓутоа, тој ми намести бленда и експозиција, според времето, веќе се знаеше какво ќе биде утре времето. Само јас требаше на наместам должина, во зависност од тоа дали сликав групно или поединечно. Имаше и некоја неуспешна слика, но повеќето беа успешни. Кога се вратив од Дојран, со него влегов во лабораторијата, првпат учев да го развивам филмот. Оттогаш, како влегов во лабораторија, веќе немам излезено“, зборуваше Симоновски.
Дуќанот го отвориле во 1948 година, а оттогаш ги чува сите апарати како стари експонати. До ваква идеја дошол кога сфатил колку многу ги има, а истовремено го мотивирало момче кое штотуку започнувал со колекционерството. Особено значајно е тоа што како студио работеле на сите фази за да се дојде до една фотографија, па согласно тоа ги има и сите апарати.
Можноста за егзистенција, вели Симоновски, претходно била многу поголема, зашто со напредокот на технологија, луѓето немаат потреба да прават голема количина фотографии.
„Своевремено, егзистенцијата беше поголема. Сега заработката е многу помала, нема работа. Не прават фотографии, сега сите си ги ставаат на картичка. Порано од еден филм правевме од 300 до 500 фотографии, групни слики, од екскурзии… Сега не верувам некој толку да се прават, ја пуштаат фотографијата по интернет и толку, не прават таков трошок“, додаде Симоновски.
Колекцијата на Симоновски е уникатна, а самиот со голема посветеност ги сочувал. Порачува дека кај него има сè, а оние кои ќе покажат интерес можат да го погледнат неговиот мал музеј.
Ребека Спасова МНет