Музејот на ВМРО за Штип и штипско работи и во услови на пандемија

Во историското Ново Село во Штип, во куќата на семејството Андонови, која се наоѓа во месноста позната како Кај Јаворот – спроти Л`џите,  од 20 декември 2014 година се наоѓа Музејот на ВМРО за Штип и штипско.

Во просториите на куќата од староградска архитектура, се наоѓа историска поставка посветена на македонската револуционерна организација и борбата на македонскиот народ за автономна Македонија.
На изложбениот простор од 160 метри квадратни, во седум засебни простории сместени се 11 восочни фигури на истакнати дејци на Организацијата, најзначајните личности од историјата кои потекнуваат или дејствувале во Штип и штипско.

Секој кој ќе го посети музејот, ќе може да ги види восочните фигури на Гоце Делчев, Дамe Груев, Мише Развигоров, Донче Штипјанчето, Тодор Лазаров, Тодор Александров, Ѓорче Петров, Петар Поп Арсов, Владислав Ковачев, Панчо Михајлов и Иван Михајлов.

Исто така, изложени и зачувани од забот на времето се и етнолошки предмети  од социјалниот живот на луѓето од крајот на XIX век, вредни експонати, фотографии, автентични документи, лични предмети и  оружје кое им припаѓало на револуционерите.

Таму се наоѓаат и историските кама и пиштол, на која се заколнувале новите членови на Организацијата, меѓу кои и Даме Груев, во присуство на Гоце Делчев, во далечната 1893 година.

Историската поставка не би значела ништо посебно за некој кој не знае барем дел од тој период, што се случувало и како дејствувале војводите на комитските чети и сите кои биле дел од пред и по илинденското востание, доколку нема некој кој би објаснил поопширно за значењето на артефактите.

Историчарот Донче Ефремов, објаснува и за останатите ликови од тој период, а еден од позначајните секако е војводата Мише Развигоров, познат и како Овчеполскиот кнез.

-Тој бил учител тука во градот Штип, и познат е како Штипски војвода. Тој има соработувано со Гоце Делчев, Даме Груев, со Петар Поп-Арсов и т.н – појаснува Ефремов.

Најмаркантна личност која оставила белег за тој период е Андон Тошев, познат како Дончо Штипјанчето, првиот курир на Гоце Делчев.

-Дончо Штипјанчето, од историските податоци е роден во с. Ерџелија, Свети Николе, меѓутоа, покасно, тој доаѓа во градот Штип и се вклучува во редовите на Македонската Револуционерна Организација, каде што соработува долго време со Гоце Делчев и по негова наредба, тој добива задача да носи бомби и оружје во своите вреќи на коњи и на магариња во соседните градови. Меѓутоа, кога добил задача во 1896 година да носи за Битола, и натоварен со коњи и магариња, пред влезот на Битола е заробен од турските власти на 19 Април 1896 година. Тој е сопрен од нив, но почнал да бега, меѓутоа по кратко време бил совладан и затворен во затворот, каде што бил осуден на 101 година затвор. Меѓутоа, покасно тој бил ослободен и заминува во соседна Бугарија – изјави историчарот Ефремов.

Сепак, едни од најзначајните личности, за кои е поврзана и контроверзна историја, а чии восочни фигури се наоѓаат во Музејот на ВМРО за Штип и штипско, се Тодор Александров и Ванчо Михајлов.

-Тодор Александров основно образование завршува во градот Штип, средно во Скопје, а после некое време поминува во Бугарија, кадешто ја продолжува својата револуционерна дејност. Врши повеќе функции, и за некоја си случајност, по документите е убиен од Ванчо Михајлов, кој исто така има завршено основно образование во градот Штип, средно во Скопје, а понатаму својот живот го продолжува во соседна Бугарија и по убиството на Тодор Александров во 1924 година, тој станува и секретар на ВМРО, каде што покасно му е забранет престој и од Бугарија поминува во Англија, каде што живее некое време, и после се преселува во Рим, каде што соработува со Анте Павелиќ, претседател на Хрватска Селска Странка – објаснува Ефремов.

Од директорот на Заводот за заштита на спомениците на културата и Музеј Штип, Митко Штерјов, дознаваме дека секој заинтересиран кој сака да ги види сите експонати во Музејот на ВМРО за Штип и Штипско, восочните фигури и останатите арте факти, без оглед на состојбата со корона вирусот, може тоа да го стори секој ден.

Да го посети музејот и да дознае повеќе за историските моменти во периодот од 1893 до 1934 година.  За само 60 денари.

БИЛЈАНА ПОСТОЛОВА / МНет.мк

Снимател ГОРАН ХРИСТОВСКИ

Монтажа ДАРКО ДОНЕВ