Клиничка болница Штип со нов респиратор

Пациенти од Штип, заболени со КОВИД 19, на кои ќе им биде потребна респираторна поддршка повеќе нема да се испраќаат во Скопје, бидејќи Клиничка болница Штип веќе располага со нова респираторна машина.

Респираторот е обезбеден со сопствени средства од клиниката, во износ од 1,8 милиони денари, истакна директорот д-р Ален Георгијев.

Можам да кажам дека овој тип на апарат е меѓу топ три апаратите во светот, по квалитетот што го има и уште една работа која што е многу важна, овој наш апарат ќе има и модул за две плус работи, тоа се калориметрија и спирометрија и ваков тип на апарат има само уште една клиника во државата, а тоа е Клиниката за кардиологија и во ниедна друга јавна или приватна здравствена установа – истакна директорот Георгијев.

Оваа, според зборовите на д-р Ален Георгијев, ултра модерна машина, ќе се користи заедно со останатите со кои располага Клиничката болница, се` со цел да се забрза лекувањето на пациентите.

Овој апарат ќе ни помогне во третманот и лекувањето на критично болните пациенти на коишто им е потребна респираторна поддршка, и пациенти на кои им е потребна интензивна нега и терапија – изјави Радмила Зенделска, раководител на Службата за анстезија, реанимација и интензивно лекување.

По завршувањето на пандемијата со КОВИД 19, новиот респиратор ќе продолжи да биде во функција на здравјето на пациентите, така што ќе може да се користи при разни физички трауми и постоперативни состојби.

БИЛЈАНА ПОСТОЛОВА / МНет.мк

Снимател ГОРАН ХРИСТОВСКИ

Монтажа ВИКТОР МИХАЈЛОВСКИ