Мојсоска: ДПМНЕ ќе менува Закон за да може Перински со диплома од фискултурно да управува со ФЗО

Пратеничката на Левица, Јована Мојсоска, на денешната седница во Собранието остро реагираше на предложеното бришење на посебните услови за именување директор на Фондот за здравствено осигурување, посочувајќи дека ДПМНЕ наместо да избере кадар кој ги исполнува законските критериуми, ги менува самите критериуми за да му овозможи на својот партиски кадар Перински да биде именуван за директор на институција која располага со буџет од околу 900 милиони евра.

Со досегашните законски решенија, покрај општите услови, за директор на Фондот беа предвидени и посебни критериуми во однос на образованието и стручната подготовка, односно завршено високо образование од областите на менаџментот, економските науки, финансиите, бизнис-администрацијата, менаџментот во јавното здравство или правните науки. Сега, рече Мојсоска, наместо овие критериуми да се унапредат и дополнително прецизираат за една од најзначајните државни институции, ДПМНЕ предлага нивно бришење.

„Сметам дека е скандалозно што се бришат посебните услови кои беа предвидени и во стариот Закон за здравствено осигурување. Наместо да ги допрецизираме критериумите при назначување на кадар, ние оставаме една општа формулација која е предвидена само во Законот за високи раководители“, истакна Мојсоска.



Мојсоска посочи дека бришењето на условите не може да се разгледува одделно од именувањето на актуелниот в.д. директор на Фондот, Перински, бидејќи токму при неговото поставување било отворено прашањето дали ги исполнува условите пропишани со Законот за здравствено осигурување. Тогаш Владата неговото именување го образложи како привремено решение, со најава дека дополнително ќе биде отпочната постапка за избор на директор.

„При самото именување на актуелниот директор на Фондот беше спорно дали ги исполнува условите кои се пропишани во Законот за здравствено осигурување. Кога беше назначен за в.д., од Владата беше образложено дека тоа е само привремено решение и дека накнадно ќе почне постапка. Очигледно, накнадно ќе почне постапката откако ќе се избришат условите, за да може да се именува за директор на Фондот за здравствено осигурување“, истакна Мојсоска.

Пратеничката на Левица посочи дека ваквата интервенција е уште понелогична ако се направи споредба со други институции од здравствениот систем. Во предложените измени на Законот за лекови и медицински средства, како што истакна Мојсоска, не се интервенира во посебните услови за именување директор на Агенцијата за лекови и медицински средства – МАЛМЕД.

„Кај директорот на МАЛМЕД остануваат посебните услови, како што е да има завршено фармацевтски факултет. Затоа што, нормално, за вакви институции треба лицето кое се именува за директор да има барем некаква допирна точка и познавање од оваа сфера. Затоа мене ми се поставува прашањето зошто се менуваат условите токму за именување директор на Фондот за здравствено осигурување“, рече Мојсоска.

Особено скандалозно, според неа, е што условите се бришат токму за директор на Фондот за здравствено осигурување – институција која располага со буџет од околу 900 милиони евра. Наместо за раководење со ваква институција да се предвидат дополнителни и построги стручни критериуми, вели пратеничката, ДПМНЕ ги сведува условите на општите критериуми од Законот за високи раководители.

„Се работи за институција која располага со буџет од 900 милиони евра, што е навистина огромен износ. Критериумите кои се предвидени во Законот за високи раководители важат и за директор на едно обично јавно претпријатие кое може да располага со многукратно помал буџет. Наместо за една ваква институција да имаме дополнителни и построги критериуми, ние сега ги бришеме и тие што постојат“, потенцираше таа.

Мојсоска оцени дека наместо ветениот систем во кој ќе се избираат најдобрите и најквалификуваните директори, ДПМНЕ продолжува со старата пракса во која законите и критериумите се приспособуваат на веќе избраниот партиски кадар.

„Не знам какви заслуги има тој спрема партијата, но ако партиските заслуги се критериум, тоа не смее да биде критериум за раководење со институција која располага со стотици милиони евра јавни средства. Апсолутно е недозволиво на една ваква институција да се поставува непрофесионален кадар и наместо унапредување на критериумите за директорите, ние сега имаме уназадување на критериумите за нивно поставување“, рече пратеничката на Левица.

Текстот Мојсоска: ДПМНЕ ќе менува Закон за да може Перински со диплома од фискултурно да управува со ФЗО е превземен од МАКФАКС.