Градската организација на Либерално-демократската партија – Скопје бара брза реакција од Зоолошката градина, Град Скопје, Агенцијата за храна и ветеринарство и сите надлежни институции, по последната случка во саботата, со бегство на бели волци од кафезот кои изеле 4 кенгури и неколку ему птици.
„Зоолошката градина ја следат несреќни случаи уште од почетокот на мандатот на претходната градоначалничка Данела Арсовска. Зоолошката во Скопје се трансформираше во кланица на коњи за храна во градината, со разлеана крв на булеварот Илинден, редовно умираа животни под неразјаснети околности, угинаа жирафи, слоница, Царски орел, лавот Жика, потоа угинаа ретките и заштитени Пржевалски коњи, Берберски овци, а имаше и епидемија на птичји грип“.
Според ЛДП, после неколкучасовна бркотница на вработените со животните, волците биле вратени во живеалиштата, но Зоолошката градина,како што велат, никаде не извести за овој инцидент, иако таа е локација со многу посетители, чија безбедност може да биде доведена во прашање.
Бараат надлежните од Зоолошката градина и Град Скопје, да излезат со објаснување за инцидентот, да кажат дали живеалиштата на животните, особено на опасните по живот, се соодветно обезбедени и да ја затворат за посетители градината до расчистување на инцидентот и утврдување на одговорноста.
Текстот Молк од Зоолошката градина и од Град Скопје за бегството на волци во саботата и усмртувањето на неколку кенгури и ему птици, велат од ЛДП е превземен од МАКФАКС.