
Се намалува бројот на новоинфицирани лица од Ковид 19, како и бројот на лица кои се на болничко лекување во модуларните болници во Кочани и Штип. Во штипската Клиничка болница за ковид пациентите е наменета само модуларната ковид болница, на Инфективното одделение нема згрижено ковид пациенти, а моментално слободни кревети остануваат само во модуларната болница. Вкупно хоспитализирани се 28 пациенти од нив 21 имаат потреба од кислородна поддршка, а слободни се 18 кревети, истакна потпаролот на Клиничка болница Штип, Марина Шуманска. Нема регистрирано ниту едно починато лице.
Намален бројот и на хоспитализирани пациенти во кочанската модуларна болница. Вкупно хоспитализирани се 7 пациенти, 6 се на кислородна поддршка, а слободни се 21 кревет, посочи директорот на болницата Александар Серафимов. Во последните 24 часа примено е само едно ново лице позитивно на корона вирусот, а оздравени се две. Сеуште се следи трендот и по недела дена да нема ниту едно починато лице.
Но, и покрај намалување на притисокот врз болниците, рестрикциите засега остануваат исти, полициски час од полноќ до четири часот наутро, и секако носење заштитна маска, одржување дистанца и користење на средство за дезинфекција.
Според информации од Министерството за здравство, досега во земјата се направени вкупно 760.498 тестирања на Ковид-19. Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 154.804, бројката на оздравени пациенти е 146.302, на починати е 5.232, а бројот на активни случаи изнесува 3.270.
Лаура Стојанова М-Нет