Модуларната болница во Штип ќе биде амбуланта за прегледи преку „Мој термин“, адаптацијата започнува за еден месец

Модуларната болница во Штип ќе биде пренаменета за амбуланта во која ќе се вршат прегледи преку Мој термин. Првиот чекор кој ќе го преземе КБ Штип, откако претходната година ја доби модуларната болница на користење, е да се адаптира за овде да биде сместени амбулантите. Директорот на КБ Штип, Владко Захариев, посочи дека со адаптирање на болницата ќе се ослеснат условите за пациентите, и таму ќе се вршат сите прегледи.

„Министерството за здравство во 2024 година ја остапи модуларната болница на користење на КБ Штип. Со консултација со колегите сме на мислење дека треба да се преадаптира и да бидат амбуланти за прегледи преку Мој термин. Првиот чекор кој ќе го направиме е да се адаптираат и сите амбуланти да бидат во модуларната болница“ – вели Захариев.

Во меѓувреме се прават планови со Локалната самоуправа за да се направи посебен влез за овие амбулатни како и дополнителен паркинг просор. На ваков начин нема да се создаваат гужви пред КБ Штип.

„Во модуларната очекувам за месец дена да почнат активностите, бидејќи во моментот сме во припрема да одбереме оператор за адаптација. Во соработка со Локалната самоуправа размислуваме за пристапен влез кој ќе биде специјално за модуларната болница.“ – додава Захариев.

Модуларната болница во Штип беше поставена во време на ковид пандемијата идентично како и во останатите градови во државата. Откако заврши ковид пандемијата истата остана празна, а во неколку наврати беше мета на крадци. Украдени се бакарни цевки, а извадени се и неколку клима уреди. Модуларната болница претрпи и дополнителни оштетувања, но како што вели Захариев со адаптација ќе биде целосно уредена.

Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет