Мицкоски: Политичка гимнастика на замрзнување и одмрзнување цени прави власта

Политичка гимнастика е замрзнувањето, па одмрзнувањето на цените, посочува лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Според него, власта мислела оти ќе ја контролира инфлацијата со замрзнување на цените на производите, ама сега ги коригираат под притисок.

„Тоа е повторно политичка гимнастика, еден ден замрзнуваат, друг ден одмрзнуваат. Знаете помпезно го најавија тоа на прес-конференција за да два дена подоцна под притисок на тие луѓе кај кои имаат концесија и како луѓе и како политичари имаат нова седница на Владата и ги одмрзнаа. Тие мислеа дека ако дневно прават прес-конференции за замрзнување на цените на прозиводите, на тој начин ќе борат со инфлацијата, ама тоа е потполно антиекономска мерка“, истакна Мицкоски.

Дополнително, Мицкоски потсети на потрошувачката кошничка која е над 50.000 денари за четиричлено семејство, а, според него, голем број од граѓаните живеат со 150 денари на ден. Со тоа потенцираше дека граѓаните живеат во катастрофално лоша ситуација.

„Потрошувачката кошница е повеќе од 43.000 денари на четиричлено семејство. Имајќи ја предвид и инфлацијата, доаѓаме до бројка од над 50.000 денари, што е бројка повеќе од две просечни плати. Ако имаме предвид дека повеќе од половина милион граѓани живеат со 150 денари на ден, може да замислите во каква ситуација се наоѓаат граѓаните“, додаде Мицкоски.

Врз основа на ова, Мицкоски вели дека се потребни парламентарни избори, кои според него не се борба за власт, туку крај на корупциското работење.

Ребека Спасова М-Нет