Михајлов: Овчеполието е ризично за производство на сончоглед, акцент треба да има на лен и сусам

Овчеполието ризично за производство, Пелагонија со поповолни услови. Ова е една од причините за се’ помалото производство на сончоглед. Меѓутоа, податоците од Државниот завод за статистика бележат опаѓање на ниво на цела држава и тоа, од 46.000 хектари во 1989 година, па до само 4.000 хектари во 2014 година.

„Дискутабилно е дека се добиваат баш заради тие различни услови на годината за производство. На површините каде што нема услови за интервентно заливање е многу ризично за призводство на сончоглед, а приносите се движат од 470 килограми на хектар во 1990 година и 1800-1900 килограми на хектар во 2010. Колку е тоа голем дијапазон на различност на приноси и површини“, вели деканот на Земјоделски факултет при УГД, Љупчо Михајлов.

Зголемувањето на субвенциите, но и зголемените откупни цени, секако, може да ја променат ситуација. Со последниот пораст на трошоците на горивото и репроматеријалите за покривање треба барем 1300 хектари. Сепак, постојат и други чекори кои би требало да се преземат, а проблем се и некои природни непогоди или штетите од птиците.

„Правилен избор на хибриди, правилен избор на рокови на сеидба. Можеби, земјоделските производители треба да се насочат кон порани рокови на сеидба, бидејќи сончогледот и во помала фаза на вегетација издржува пониски температури, така што во почетокот на март или по првата декада на март би се вршела сеидбата. Треба да се изберат хибриди со висок потенцијал на родност, општо е познато дека сончогледот не може да се одгледува повеќе години на исто место, треба барем три години да поминат за повторно да се врати на истата површина. Ние знаеме дека над половина од нашите површини се расцепкани во индивидуалниот сектор, мали се, не се големи“, додава Михајлов.

Овчеполието е ризично за производство, смета Михајлов, и има тешки услови за производство. Како што вели тој, за Овчеполскиот регион подобро е да се стави акцент на други маслодајни растенија како што се ленот или сусамот, коишто имаат кратка вегетација. Меѓутоа, населението е зависно од сончогледот, а немаме навика да ги користиме маслото од другите маслодајни растенија.

Ребека Спасова М-Нет