Мицкоски и Паунов на увид во градежните активности на училишната зграда во Карбинци

Со инвестиции во градинки и училишта се работи на подобрување на условите за образование на младите, а на тој начин и на обиди да се задржат истите во Општина Карбинци. Денеска увид во градежните работи на терен на училишната зграда во село Таринци извршија градоначалникот Виктор Паунов и лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Во оваа прилика Паунов истакна дека освен на училишната зграда се работи и на низа други капитални проекти.

„Се работи за голем капитален проект кој е со вредност од 15 милиони денари. Исклучително сум задоволен затоа што една мала општина како Карбинци успеа да започне изведба на еден капитален проект кој е од суштинско значење за населението овде. Ние продолжуваме посветено да реализираме капитални проекти на барање на жителите се со цел да ги подобриме условите за живот. Се работи и на изградба на еден нов резервоар за вода, се работи на три спортски терени “ – вели Паунов.

Околу 50 деца ќе учат во нови современи услови и по европски стандарди. Мицкоски е задоволен од она што се работи на терен во Карбинци и истакна дека на ваков начим децата се стимулираат да израснат во една комплетна личност.

„Добив информација дека околу 50 деца се дел од ова училиште кое треба да биде сосем ново на почетокот од оваа учебна година. Овие педесетина дечиња ќе имаат нова зграда, европски услови за учење што е многу важно бидејќи од најмали години мора да ги стимулираме децата да израснат во една комплетна личност“ – додаде Мицкоски.

Од Карбинци денеска се потенцираше дека ваквите проекти на терен продолжуваат и во иднина со цел населението и од помалите општини да има подобри услови за живот.

Лаура Стојанова М-Нет