Миовски обезбеди победа за Македонија над Фарски Острови

Фудбалската репрезентација на Македонија со победа го затвара мартовскиот циклус, а во истиот нанижа две победи на исто толку натпревари.

По победата над Малта во квалификации за ЕП 2024 со резултат од 2:1, македонската репрезентација тешко, но повеќе од заслужено славеше над Фарски Острови со минимални 1:0 на пријателски меч.

Двете победи се силен мотив за Македонија пред предизвиците од квалификациите за ЕП 2024, а особено пред дуелот со Украина кој ќе се одигра во Скопје во јуни годинава.

Селекторот Благоја Милевски направи измени во однос на составот со кој настапуваше против Малта, па така шанса добија и помладите фудбалери, а свое деби имаше Јован Манев.

Македонија беше подобар противник на теренот, но сепак фалеше реализација. Во 25. минута Енис Барди погоди, но сепак голот беше поништен поради офсајд. Само три минути подоцна Македонија беше оштетена, бидејќу судијата Савовиќ не покажа на белата точка по очигледната игра со рака на еден од дефанзивците на Фараните.

Во вториот дел Македонија продолжи да креира шанси и да се заканува кон голот на противникот. Во вториот дел на второто полувреме селекторите се решија да направат измени, кај нашата репрезентација следуваше двојна измени Миовски и Елмас влегоа во игра на местото на Несторовски и Милан Ристовски. Двете измени направија освежување во нашите редови, но сепак фалеше реализација.

Во 79. минута најсериозна шанса имаше Елмас, но играчот на Наполи шутираше во нозете на голманот на Фараните.

Само две минути подоцна беше скршен отпорот на Фарски Острови, откако Бојан Миовски излезе сам пред голот по добиена топка од Ашковски и го совлада противничкиот голман по земја. До крајот Македонија не остави простор за изненадување, а публиката се израдува на минималната победа на Македонија над Фарски Острови.

Во јуни Македонија ќе игра на домашен терен против Украина на 16. јуни, а три дена подоцна, односно на 19. јуни ќе гостува на „Олд Трафорд“ против Англија.