На свеченото одбележување на Денот на јавната администрација, кое годинава се одржа под мотото „Доверба, интегритет и резултати: темели на модерна и европска јавна администрација“, министерот за јавна администрација Горан Минчев порача дека реформата на јавната администрација не е само европска обврска, туку суштинска инвестиција во институциите, луѓето и иднината на државата. На настанот се обратија и Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, како и шефот за соработка на Делегацијата на Европската Унија, Штефен Худолин.
„Нема модерна Македонија без модерна јавна администрација. Нема силни институции без стручни и посветени јавни службеници. Нема доверба на граѓаните без ефикасна и отчетна администрација“ нагласи Минчев во своето обраќање, посочувајќи дека во изминатата година реформите добиле конкретна форма преку новата законска рамка за административните службеници, воспоставувањето на Советот за реформа на јавната администрација и започнатите процеси за создавање Академија за јавна администрација.
Осврнувајќи се на вложувањата во човечкиот капитал, министерот истакна дека администрацијата се гради пред се преку луѓето кои секојдневно го носат товарот на институционалното функционирање. Тој потсети дека преку потпишаните колективни договори за повеќе од 11.000 вработени во јавниот сектор е обезбедено историско зголемување на платите од 40 проценти во наредните три години, како и подобри услови за работа и поголема сигурност за вработените. „Не можеме да бараме професионализам ако не покажеме почит кон професионалците. Не можеме да бараме одговорност ако не создадеме услови за достоинствена работа. Не можеме да бараме резултати ако не инвестираме во луѓето кои ги создаваат тие резултати“ порача Минчев.
Министерот нагласи дека следниот период ќе биде обележан со реформи насочени кон дополнително јакнење на професионализмот, интегритетот и ефикасноста на институциите, преку Законот за високи раководители и новиот Закон за организација и работа на органите на државната управа. Според него, европската интеграција започнува токму во институциите, во нивната способност да испорачуваат квалитетни услуги и да ја оправдаат довербата на граѓаните.
„Довербата во институциите не се добива по автоматизам, таа се заслужува. Се гради секој ден, преку професионалност, интегритет и резултати што граѓаните можат да ги препознаат и почувствуваат“ истакна министерот Минчев, упатувајќи благодарност до сите јавни службеници за нивната посветеност, стручност и придонес во градењето администрација која работи во служба на граѓаните и развојот на државата.
Во рамки на настанот беа доделени и признанија за управување со квалитет во јавниот сектор, кои ги врачи министерот Минчев. Првото место го освои Министерството за дигитална трансформација, второто место Агенцијата за храна и ветеринарство, а третото место Институтот за акредитација.
„По повод Денот на јавната администрација, Министерството за јавна администрација упатува честитки до сите административни службеници и вработени во јавниот сектор, со благодарност за нивната посветеност, професионалност и секојдневен придонес во функционирањето на институциите и обезбедувањето услуги за граѓаните. Нека овој ден биде потсетник за значењето на јавната служба и мотив за заедничко градење на администрација која заслужува доверба“.
Текстот Минчев: Нема модерна Македонија без модерна јавна администрација, реформите носат професионални институции и резултати е превземен од МАКФАКС.